Анан: ситуацијата во Сирија е неприфатлива
25 април 2012Сирија не се придржува до примирјето. Заедничкиот пратеник на ОН и Арапската лига за Сирија Кофи Анан информираше дека продолжуваат нападите на владините трупи врз цивилното население. На затворена седница на Советот за безбедност на ОН Анан состојбата ја опишал како „апсолутно неприфатлива“. Освен ова, владата на претседателот Башар ал-Асад не се придружува до договорот за повлекување на тешкото оружје. Насилството се намалувало само тогаш, кога во околината се наоѓале набљудувачите на ОН.
Анан се заложи итно да се зголеми бројот на набљудувачи во Сирија. Мисијата на ОН во моментов има 11 члена во Сирија од планираните 30, а уште 300 набљудувачи, кои ќе го надгледуваат прекинот на огнот, треба да бидат распоредени идната недела. Сириската влада во меѓувреме одби да дозволи набљудувачи на ОН од земјите учеснички во групата „Пријатели на Сирија“, соопшти американската амбасадорка во ОН Сузан Рајс.
„Властите во Дамаск веќе одбиле да пуштат во земјата член на подготвителната екипа набљудувачи, чија задача е да го следат почитувањето на примирјето“, рече Рајс, цитирајќи го шефот на операциите на ОН за поддршка на мирот Ерве Ладсу.