1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амортизер против поларизацијата на Македонија

30 март 2010

Прашањето на гарантираните пратенички мандати за малцинските етнички заедници се врти повторно во изборно – политичките комбинаторики. Според пописот, во Македонија околу 13 отсто отпаѓаат на сите други етнички заедници.

https://p.dw.com/p/McvF
Македонскиот парламентФотографија: Petar Stojanovski

Универзитетската професорка по политички науки Мирјана Малеска смета:

„Добро е да има поголем број претставници од овие заедници,за да не се поларизира општеството на два дела: меѓу Македонците и Албанците. Малите етнички заедници можат да значат некоја амортизација во случај на продлабочена конфронтација меѓу овие два етникума. Затоа мислам дека е принципиелно добро и политички опортуно тие заедници да бидат претставени праведно во Собранието.“

Претседателот на Демократскиот сојуз на Власите Николче Бабовски вели:

„Според пописот, во Република Македонија околу 13 отсто отпаѓаат на сите други етнички заедници, така што имаме и уставна основа за нашите барања за гарантирани мандати. Со тоа обезбедуваме демократичност во државата и легитимно застапување на сите етникуми во парламентот.“

Пратеникот од Демократската партија на Турција Кенан Хасип дополнува:

„Овој пропорционален модел што го имаме сега – со 6 изборни единици, за припадниците на турската, но и другите помали етнички заедници е погубен, затоа што сите тие заедници се распрснати низ целата територија на Македонија. Оттука, тие немаат некоја соодветна концентрација, за да им се овозможи преку постојниот изборен модел да имаат претставници во законодавниот дом.“

Бабовски го прецизира ставот на Демократскиот сојуз на Власите.

„Една изборна единица во земјата и 10 гарантирани пратенички места според моделот 5 + 5. Тоа значи по еден гарантиран пратенички мандат за секоја партија на малцинските етникуми, а оние што ќе го минат изборниот цензус да можат да учествуваат рамноправно во трката за освојување втор, или трет мандат, ако успеат да го обезбедат.“

ДУИ стравува од можни манипулации со пратеничките квоти

Координаторот на пратеничката партија на ДУИ Тахир Хани коментира:

„Во врска со некои коментари дека треба да имаме загарантирани места за етничките заедници во Собранието, ние не сме против тоа да се обезбеди претставување на тие заедници. Но, сепак, ние сме многу внимателни околу тоа да не се дебалансира Бадинтеровиот принцип во парламентот.“

Универзитетскиот професор и политички аналитичар Мерсел Биљали го изнесува својот став дека „за партиите на малцинските етникуми не треба да постои изборен цензус“. Тој додава:

„Мора и тие практично да се впуштат во тој политички и изборен натпревар со другите политички партии. Меѓутоа, ние предлагаме една изборна единица за целата држава, што ќе овозможи практично да се ефектуира секој глас кој би бил даден за тие политички партии на малцинските заедници.“

Тахир Хани посочува на дел од стравувањата на неговата Демократска унија за интеграција:

„Со загарантираните места за етничките заедници преку интервенции во изборниот законик постои можност, освен 10 – те мандати што беа предвидени порано, исто така и македонските партии да имаат кандидати во листите на партиите на тие етнички заедници. На тој начин би се удвоил бројот на пратеници од тие етникуми и ќе загуби во значењето бројот на пратениците од албанската заедница. Ние се плашиме дека ќе постои една бројка на такви пратеници, кои директно ќе бидат контролирани и ќе влијаат врз донесувањето одлуки во парламентот.“

Mazedonien Das Parlament in Skopje
Фотографија: Petar Stojanovski

Зошто се бара варијантата една изборна единица

Кенан Хасип објаснува како минале обидите за измени во изборниот законик во 2007 година и ја обвинува партијата на Али Ахмети:

„Во изминатиот мандат успеавме тоа да го ’протнеме’ низ владина процедура, тоа помина на рамниште на Владата и дојде во собраниска процедура. Но, тогаш ДУИ со 4 илјади амандмани го блокира донесувањето на измените на законот, со што се обезбедуваа 10 гарантирани пратенички места за помалите етнички заедници.“

Професорката Малеска изнесува ваква прогноза во врска со сегашното и претстојното позиционирање на „интегративците“ од Мала Речица, Тетовско, кон реактуелизираната иницијатива малцинските етнички заедници во земјата да бидат поправично застапени во Собранието:

„Тие стравуваат бидејќи можеби со загарантираните пратенички места ќе се намали значењето на гласовите на претставниците на албанските политички партии само поради фактот што се и тие албански партии поделени. Затоа тие сега бараат, еве, конкретно ДУИ, постоење една изборна единица во земјата, оти така ќе биде зголемен бројот на пратениците – Албанци. Можеби ќе се неутрализира политичката тежина на тоа што помалите етнички заедници ќе имаат поголем број претставници во Собранието.“

Расправите во врска со оваа тема продолжуваат и задобиваат се‘ повеќе во динамика.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска