1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

230210 USA Todesstrafe

24 февруари 2010

Во Женева се одржува Четвртиот конгрес на ОН против смртната казна. Досега 139 земји ширум светот ја укинаа оваа форма на казнување, но меѓу нив не се САД. Од 1976 година, егзекутирани се повеќе од 1.200 лица.

https://p.dw.com/p/M9Nd
Фотографија: BilderBox

Казненото право во САД, во најголем дел е надлежност на поединечните сојузни држави. Смртната казна моментално се практикува во 32 од нив. Останатите или целосно ја укинале, или привремено го запреле нејзиното извршување. Врховниот суд во Вашингтон пред извесно време повторно пресуди дека смртната казна е во согласност со уставните принципи, меѓутоа во 2005 година забрани нејзино извршување врз малолетници и ментално ретардирани лица. Оливер Хендрих од организацијата за човекови права „Амнести интернешнл“ истакнува:

„Врховниот суд смета дека нема ништо противуставно во примената на смртната казна. Меѓутоа, мора да се каже дека токму забраната за извршување смртна казна врз малолетници беше многу важна одлука, бидејќи Судот првпат го зеде предвид меѓународното право и попушти пред меѓународниот притисок.“

Додека кон средината на девесеттите години осумдесет проценти од сите американси жители беа „за“ смртната казна, според најновото истражување, што го спроведе институтот за истражување на јавното мислење „Галуп“, во 2009 година, две третини од испитаниците ја поддржувале смртната казна. Оливер Хендрих:

„Пред се`, кога прашањето е формулирано на тој начин што се нуди алтернативно решение за смртната казна, на пример доживотен затвор, тогаш се гледа дека Американците се ’за’ укинување на смртната казна.“

Ужасна казна за ужасни прекршоци

Symbolbild Todesstrafe USA Giftspritze
Електричната столица во многу случаи е заменета со смртоносен коктел од три супстанцииФотографија: AP Graphics

За разлика од поединечните сојузни држави, на сојузно ниво смртната казна во САД се изрекува само во исклучителни случаи, по правило само кај тешките прекршоци против државата. Овде смртната казна останува во каталагот најстроги казни. Таа ќе биде побарана и во случајот со организаторот на терористичките напади од 11 септември, кој наскоро треба да биде изведен пред суд во САД. Американскиот министер за правда, Ерик Холдер, најави:

„Се работи за ужасен прекршок и ќе ја побараме максималната казна. За вакви капитални прекршоци, законот ни дава право да ја примениме смртната казна, и дури и да не сакам да се примени, претпоставувам дека за организаторот на терористичките напади од 11 септември ќе биде побарана токму оваа казна.“

Бројот на смртните пресуди и извршени смртни казни не зависи од актуелниот претседател на САД. Во 2008 година, последната година од мандатот на претседателот Џорџ Буш, кој беше деклариран застапник на смртната казна, во САД беа извршени 36 смртни казни. Во минатата година, пак, односно првата година од мандатот на Барак Обама, кој е скептичен во однос на смртната казна, биле егзекутирани 51 лице.

Автор: Даниел Шешкевиц / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска