1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американците се повлекуваат од акциите во Либија

3 април 2011

Единствениот град на запад на Либија, кој барем делумно е во рацете на бунтовниците, Мисрата, е жестоко напаѓан од силите на Гадафи. Американците најавија повлекување од воените акции против силите на Гадафи.

https://p.dw.com/p/10mep
Фотографија: AP

Борбите во либискиот пристанишен град Мисрата, на запад на земјата, денеска продолжуваат со сета жестокост. Трупите на либискиот властодржец Моамер ел Гадафи ги напаѓаат бунтовниците, а очевидци за агенцијата Ројтерс тврдат дека во акција се и снајперисти, кои гаѓаат и врз цивили. Веќе не е јасно колкав дел од градот е се‘ уште под контрола на бунтовниците. Според изјава на еден лекар, во неделава што изминува, во Мисрата загинале околу 160 луѓе, од кои поголемиот дел цивили. Со оглед на тоа што градот е опколен од трупите на Гадафи, има недостиг од храна и вода.

Oчевидци тврдат дека во акција се и снајперисти на Гадафи, кои гаѓаат и врз цивили
Oчевидци тврдат дека во акција се и снајперисти на Гадафи, кои гаѓаат и врз цивилиФотографија: picture alliance/dpa

Во меѓувреме, НАТО најави истрага за случајот на истокот на Либија, во кој најверојатно авиони на НАТО гаѓале по грешка врз противниците на Гадафи. Притоа се убиени деветмина бунтовници и четворица цивили. Авион на НАТО, како што изјави претставник на градот Адџабија, отворил оган врз конвој од неколку возила, поради тоа што претходно еден од бунтовниците од радост во воздух испукал светлечка ракета. Во конвојот се наоѓало и болничко возило, чиј возач и три медицински сестри од градот Бенгази загинале.

Гејтс: Тоа треба да го заврши некој друг

Арапската телевизија Ал Џазира вчера јави дека либиските бунтовници наводно се обучувани од американски и египетски специјалци. Телевизијата, повикувајќи се на нeименувано лице од редовите на бунтовниците, јавува и дека бунтовниците, во четвртокот (31.03) добиле пратка со катјуша-ракети од Египет, кои се најсовремени, па затоа се потребни обучувачи за ракување со нив. Либискиот режим тврди дека американската тајна служба ЦИА е вмешана во сето тоа и дека оружје за бунтовниците лиферува и заливската држава Катар.

Што се однесува до обучувањето и поддршката за бунтовниците, има многу земји кои тоа можат да го прават, изјави американскиот министер за одбрана Роберт Гејтс
Што се однесува до обучувањето и поддршката за бунтовниците, има многу земји кои тоа можат да го прават, изјави американскиот министер за одбрана Роберт ГејтсФотографија: dapd

Американскиот министер за одбрана Роберт Гејтс, при сослушувањето во Конгресот, пред два дена, изјави: „Што се однесува до обучувањето и поддршката за бунтовниците, има многу земји кои тоа можат да го прават и тоа не е нешто што можеме да го завршиме само ние. Ако ме прашате мене, мислам дека и треба да го заврши некој друг!“

САД имаат намера од денеска да се повлечат од воените акции против армијата на Гадафи и да се ограничат само на поддршка. Тоа значи дека воздушните напади би морало да ги изведуваат другите сојузници во НАТО. Според некои членови на американскиот Конгрес, ваквиот став на Пентагон е загрижувачки. Републиканскиот сенатор Џон Меккејн смета дека е погрешно САД сега да се повлечат од акциите, токму во време кога силите на Гадафи напредуваат.

Автор: ЕМФ/ АТ/ дв/ ард/ дпа

Редактор: Александра Трајковска