1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Afghanistan McChrystal

22 септември 2009

Главниот командант на силите во Авганистан, Американецот Стенли Меккристал, не остава простор за недоразбирање - доколку се продолжи вака, ја губиме војната, вели тој. Огромен проблем за претседателот Барак Обама.

https://p.dw.com/p/JmJx
Секој американски војник што ќе загине, ја намалува поддршката на Американците за стратегијата во АвганистанФотографија: AP

Што да се прави: Американците во Авганистан се борат веќе осум години. Прво со успех, кој очигледно ги заслепи. Вашингтон набргу потоа се концентрираше врз Ирак. Од 2006 година наваму ваквото запоставување на Авганистан се одмаздува. Тоа не е грешка на Барак Обама, но тоа во случајов веќе не игра никаква улога. За разлика од Ирак, Обама застана зад оваа војна. Тој ги зајакна многу американските трупи, ја смени командата и испрати свој генерал на фронтот - Стенли Меккристал.

Состојбата се влошува

Никогаш досега не загинале толку многу Американци во Авганистан како во изминатите месеци. Анкетите покажуваат дека со секој ковчег што ќе се врати во САД, се намалува и поддршката за оваа војна. Сепак, додека армијата притиска, Обама се колеба. Прво ќе се решава за стратегијата, потоа за трупите, рече тој во понеделеникот. Тоа делува беспомошно, со оглед на фактот дека Барак Обама го презентира својот план за оваа војна уште во март.

Меккристал сега бара нова стратегија и дословно забележува дека без нова стратегија не треба воопшто ни да се испраќаат нови трупи во Авганистан. Претседателот е на маки. Ако ги повлече трупите, програмирани се хаос и граѓанска војна. Доколку испрати уште неколку десетици илјади војници на фронтот, ризикува внатрешнополитички конфликт со сопствената партија, притоа без гаранции за успех и во фон на парламентарните избори наредната година. За разлика од избирачите, Обама има малку простор за маневар. Како политичар веќе не може назад, мора да го слуша својот генерал, мора да ги засили трупите и потоа на сонародниците кристално јасно да им објасни како Американците ќе се извлечат од оваа војна по цели осум години.

Bewaffneter Soldat einer amerikanischen Spezialeinheit auf afghanischem Boden
Фотографија: AP

Недоволно изострена цел значи неуспех

Терористите одамна одат преку границата во Пакистан, каде Меккристал и неговите војници не можат да направат ништо. За да се спречи нивното враќање, потребна е изградба на демократски структури во Авганистан. Со оглед на актуелната состојба, ваквата цел е сосема нереална. Претседателот често ја дефинираше воената цел - трајно уништување на Ал Каеда во Авганистан и Пакистан. Недоволно изострена цел со отворен крај. Доколку Барак Обама остане на таквите аспирации, нема да успее - и тоа можеби не само во Авганистан.

Автор на коментарот: Клаус Реме

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска