1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американско-руски конфликт поради случајот Магнитски

ЕМФ/миа/дв13 април 2013

Во 2009 година адвокатот Сергеј Магнитски (на фотографијата) почина во руски затвор, најверојатно поради злоставување. Поради тоа, САД воведоа санкции против 18 руски државјани. Москва денеска одговори со иста мерка!

https://p.dw.com/p/18FId
Фотографија: picture-alliance/dpa

Вашингтон на црна листа стави 18 руски службеници и функционери поради сомневање за повреди на човековите права. Имињата на погодените Вашингтон ги објави на интернет страницата на Министерството за финансии. Тие се подложени на финансиски санкции, како замрзнување на банкарски сметки и забрана за влез во САД.

Русија денеска (13.04) реализираше контрамерка - на 18 американски државјани им е забранет влез во Русија. На руската листа фигурираат имињата на 18 американски претставници, кои немаат право да влезат во Русија поради нивната наводна вмешаност во нарушување на човековите права. „Војната на листите не е наш избор, но ние не можеме да ја игнорираме оваа уцена“, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.

Сергеј Магнитски беше руски адвокат, уапсен во 2008 година за даночна измама, откако разоткри високи полициски функционери вмешани во финансиски малверзации вредни 230 милиони долари. Во затворот Магнитски, како што се тврди во САД, бил подложен на систематска тортура и не му била овозможена медицинска помош. Во 2009 година тој почина од воспаление на панкреасот.