1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американски бомбардери во лет над Јужна Кореја

ЖА/дв/миа28 март 2013

По серијата закани со напад од Северна Кореја, САД ја демонстрираат целосно воената сила. Американското воено воздухопловство испрати два „невидливи“ бомбардери кои можат да носат нуклеарни бомби кон Јужна Кореја.

https://p.dw.com/p/185mU
Фотографија: Reuters

САД соопштија дека два „стелт“ бомбардери Б-52, што можат да носат нуклеарни бомби, денеска летнале во мисии на „одвраќање“ преку Јужна Кореја, пркосејќи им на апокалиптичните закани  за одмазда на Северна Кореја поради одржувањето на заедничките воени маневри со Југот.

Ангажирањето на „невидливите“  бомбардери претставува јасна и силна порака до Пјонгјанг за американската решеност да ја брани Јужна Кореја против било каков напад од Северот, додека воената напнатост расте со секој изминат ден на Корејскиот Полуостров.

Прелетите на бомбардерите во текот на здружените вежби уследија еден ден откако Северна Кореја соопшти дека ги прекина сите линии на воена комуникација со Југот и дека војната може да избие секој момент.

Ден претходно Пјонгјанг соопшти дека неговите стратегиски ракети и далекуцелна артилерија се ставени во состојба на борбена готовност, имајќи ги за цел воените бази на Гуам, Хаваи и американскиот континент.

Двата бобардери Б-52 од воената база Вајтмен, во државата Мисури, летаа на височина од 20.800 метри, во повратен лет „во една непрекината мисија“, исфрлајќи лажни бомби на цели во Јужна Кореја, соопшти американската воена команда. Тоа ја демонстрира способноста на САД да изведуваат далекуцелни, прецизни удари, брзо и кога ќе посакаат, се наведува во соопштението.

Бомбардерите учествуваа во јужнокорејско-американските воени вежби што ја разлутија Северна Кореја и се повод да се закани дека ќе ја започне втората Корејска војна и дека ќе изведе превентивни нуклеарни удари врз Јужна Кореја и американското копно.

Бомбардерите Б-52 се важен елемент на американската трајна и робусна проширена способност на одвраќање, се наведува во американското соопштение.

Претходно денеска американскиот секретар за одбрана Чак Хејгл на својот јужнокорејски колега му кажа дека Сеул може да се потпре на воената заштита која САД можат да ја понудат, а тоа е нуклеарна, конвенционална и ракетна одбрана.