1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

260609 Irak USA Vision

30 јуни 2009

Денеска (30.06.2009) американските сили треба да се повлечат од градовите во Ирак и на ирачките сили за безбедност да им пренесат голем дел од одговорноста за сигурноста и стабилноста во земјата.

https://p.dw.com/p/Idrj
Фотографија: picture alliance/dpa

На ирачките и американските преговарачи им беа потребни повеќе месеци за да постигнат согласност околу договорот за стационирање на трупите, со кој се регулира престојот на американските сили во Ирак. Но, уште повеќе - се регулира нивното постепено повлекување од таа земја. Спогодбата беше олеснета со најавата на Барак Обама, тогаш уште претседателски кандидат, дека има намера да ги повлече силите од Ирак во рок од 16 месеци.

„Насилството е значително намалено во споредба со страшните убиства во 2006 и 2007 година“, констатираше неодамна американскиот претседател, иако токму во последните неколку дена е торпедиран еден важен предуслов за повлекување - Ирак е изложен на неочекувана спирала на насилство, со голем број жртви. Тоа е сериозен тест, како за Американците, така и за ирачкото раководство. Тоа и натаму тврди дека ќе биде во состојба да се грижи самостојно за безбедноста во градовите по повлекувањето на американските војници од нив и дека нема причина за одложување на повлекувањето.

Преместување на трупите

Повлекувањето на американските сили е всушност само нивно преместување, зашто трупите ќе ги напуштат градовите, но не и Ирак. Тие се селат во воени бази надвор од градовите, за чија изградба беа вложени огромни средства. Оттаму, можат лесно да се вратат и по потреба да интервенираат и во градовите, доколку за такво нешто бидат замолени од страна на ирачките власти.

Irakische Soldaten bei der Ausbildung
Ирачките војници при обукаФотографија: dpa

Преместувањето на американските трупи е само претчекор на планот од три фази, со кој треба да се стави крај на американскиот ангажман во Ирак. План, кој би требало да се реализира до 2011 година, како што изјави Обама:

„Првиот дел на оваа стратегија е одговорно повлекување на нашите борбени единици од Ирак.“

Оваа, прва фаза, во прва линија треба да ги опфати единиците кои се повлекуваат од градовите и таа треба да заврши до 2010 година. Тогаш, од 130.000 војници, во Ирак треба да останат меѓу 35.000 и 60.000 војници. Тие ќе имаат нова задача, вели американскиот министер за одбрана, Роберт Гејтс:

„Нивната улога ќе биде дефинирана, во основа, како асистирачка и советодавна. ќе има ограничени анти-терористички операции и ќе имаме војници кои, како дел од ваквата програма за обука, ќе бидат дел од ирачките единици.“

Ќе успеат ли ирачките сили за безбедност?

Експертите се скептични во тоа дека на ирачката влада ќе и‘ успее да осигура безбедност во земјата со сопствени средства. Затоа, се смета дека ваквата новодефинирана улога на американските трупи ќе трае многу подолго од определениот рок од 18 месеци. Се разбира, доколку претходно Багдад го замоли Вашингтон за продолжување на рокот. Доколку тоа се случи, изводливо е да се постигне продолжување на присуството на американските војници, зашто Ирак е интегрален дел од третата фаза на американската стратегија на Блискиот исток, како што вели американскиот претседател:

Söldner in Bagdad, Irak, im März 2007
Безбедноста во рацете на ИрачанитеФотографија: picture-alliance / dpa

„Сеопфатен американски аранжман во целиот регион. Иднината на Ирак е неделлива од иднината на останатиот дел на Блискиот исток. Затоа, со нашите пријатели, мораме да работиме на создавање на нова рамка, со која ќе се поттикне безбедноста на Ирак и регионот.“

Сеопфатната стратегија за регионот вклучува и решение на израелско-палестинскиот конфликт, како и релаксација на состојбата во Либан и приближување до државите кои во времето на владата на Буш, се вбројуваа во „оската на злото“.

Автор: Петер Филип/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска