1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американската амбасадорка во НАТО на средба со македонскиот државен врв

Александар Чомовски 9 април 2008

Викторија Нуланд, американската амбасадорка во НАТО, со оптимистичка порака од Скопје. Амбасадорката се сретна со претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски.

https://p.dw.com/p/Deww
Амбасадорката Викторија НуландФотографија: AP

„Сега е моментот, прашање на денови, недели, не повеќе месеци.“ Овој рок, дека може да се најде компромис за спорот со Грција, амбасадорката Нуланд го одреди по средбата со претседателот на Македонија Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски.

„Имавме продуктивни разговори со вашите лидери, ќе продолжиме да работиме со мандат на Метју Нимиц. Македонија треба што поскоро да го заземе местото во НАТО.“ Нуланд ја повтори поддршката од САД и претседателот Џорџ Буш да се реши спорот околу името и да биде активирана поканата за членство во Алијансата.

Претседателот Бранко Црвенковси и премиерот Никола Груевски по средбата со амбасадорката Викторија Нуланд останаа уште десетина минути насамо.

Оптимизот на Нуланд, можеби е знак за можна нова спогодба, но дали таа ќе биде ратификувана во парламентите, пред се во македонскиот? Состојбите се комплицираат со можност за самораспуштање на македонското Собрание. Зад идејата на ДУИ и Али Ахмети, застана и владејачката ВМРО ДПМНЕ, која ја поддржа идејата парламентот да се самораспушти и да се оди на вонредни парламентарни избори. За утре е закажана седница на парламентот.