1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американец осуден на смртна казна во Иран

9 јануари 2012

Иранскиот суд осуди на смрт еден американски маринец, кој има иранско државјанство, поради „шпионажа во полза на американската тајна служба ЦИА“.

https://p.dw.com/p/13gbS
Амир Мирза ХекматиФотографија: picture-alliance/dpa

Амир Мирза Хекмaти (28) е „осуден на смрт поради соработка со непријателска земја, поради членство во ЦИА и обид да го вмеша Иран во тероризам“ се наведува во пресудата.

Директорот на иранската разузнавачка служба Хеидар Мослехи вчера изјави дека се уапсени неколку луѓе за кои има сомневање дека шпионирале за САД и планирале да ги загрозат парламентарните избори што се закажани на 2-ри март. Мослехи наведе дека осомничените преку интернет одржувале контакти со странство.

Хекмати, роден во Аризона, според агенцијата Фарс, бил уапсен во септември минатата година, при обид да ја премине иранската граница. Хекмати, како што се тврди, сакал да ја придобие довербата на иранските тајни служби со предавање на материјали на ЦИА. Таткото на Хекмати демантира дека син му има врска со американската тајна служба. Американското министерство за надворешни работи уште во декември ги отфрли обвинувањата и побара Хекмати да биде веднаш ослободен.

Автор: ЖА/дпа/афп

Редактор: Е.М.Фиданоска