Амбасадата на САД одблиску го следи случајот „Смиљковци“
3 мај 2012„Низ светот има терористички настани, и ние самите бевме жртви на тероризам, и знам дека ова прашање тука се сфаќа сериозно. Ќе мораме да почекаме, да го видиме судењето и доказите“, изјави амбасадорот на САД Пол Волерс на новинарско прашање за тоа дали Македонија се соочува со закана од радикални исламисти.
Амбасадорот Волерс, во изјава дадена при посетата на општина Кисела Вода во Скопје, изрази надеж дека правосудниот систем ќе функционира според законите, за граѓаните да можат да имаат сигурност дека вистинските лица биле осудени.
„ Ги следиме состојбите по ужасните убиства на 12 април и искрено сочувствуваме со семејствата на убиените. Одблиску го следиме процесот, апсењата и истрагата, ќе ја следиме и судската постапка. Важно е да се почитуваат правилните процедури, за тие што го извршиле ова ужасно дело да бидат изведени пред правдата. Правниот систем треба да постапува според правилата и законите, за граѓаните да имаат доверба дека се осудени вистинските лица. Министерката Јанкулоска и самата кажа дека ќе се следи процедурата и да дозволиме тоа да се случи“, изјави амбасадорот Волерс.