1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алтернатива за Германија - вистинска алтернатива?!

Ф.Есен/ Ј.Јорданова/А.Трајковска 12 август 2013

На германската политичка сцена од неодамна има нова партија. Нејзиното име е Алтернатива за Германија, а една од целите и' е ревизија на еврото. Членовите на партијата се главно незадоволни од етаблираните партии.

https://p.dw.com/p/18tIV

Нивната идеја е: збогум на еврото, назад кон германската марка. Основачите на партијата Алтернатива за Германија сметаат дека ги осознале знаците на времето. Овде, во Линебург, членовите определуваат кандидати за изборите за Бундестагот. Меѓу нив е и Бернд Луке, професор по економија и интелектуален татко на партијата.

„Прво сакаме да ја намалиме зоната на еврото исклучувајќи ги јужноевропските држави од неа, а потоа во намалената зона да се создадат помали монетарни унии од држави кои навистина економски си одговараат едни со други, или пак целосно да се вратиме кон националните валути.“

Други економски експерти гледаат крајно критички на предлозите на Луке. Јирген Матес од Институтот за германското стопанство смета дека Алтернатива за Германија се движи по опасен терен. „Доколку Германија би ја напуштила еврозоната, многу би загубила на економски план. Веројатно забележливо би скокнала вредноста на повторно воведената германска марка, тоа значително би го отежнало нашиот извоз и можеби би довело до криза на индустријата доколку извозот драстично опадне. Покрај економските последици, тоа би било и фатален сигнал за Европа севкупно“, вели Матес.

Gründungsparteitag Alternative für Deutschland AfD 14.04.2013
Членови на Алтернатива за ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa

Членовите на Алтернатива незадоволни од етаблираните партии

За некои кандидати се чини и деснопопулистички средства се погодни за да се надмине пречката од пет проценти за влез во Бундестагот. Во Линебург можеа да се слушнат слогани како „мултикултурно значи мултикриминално“. Но, основачот на партијата не дозволува да му се префрлува за популизам.

„Факт е дека се зафаќаме со стравовите на луѓето, кои имаат реални, важни причини, и презентираме решенија за проблемите кои им влеваат страв. Владата нема концепт, веќе три години се води политика за спасување на еврото со се’ повисоки трошоци - и сепак нема ефект врз кризата. Таа се' повеќе се шири, кризата станува се' потешка“, вели претседателот на Алтернатива за Германија Луке.

AFD Gründungsparteitag
Бернд Луке на основачкиот конгрес на партијатаФотографија: AFP/Getty Images

„Основачите на партијата се длабоко уверени дека еврото беше грешка и сакаат да се укине. Економски може да се дискутира дали тоа беше правилна одлука, но ја донесовме, сега треба да се гледа напред и да се извлече најдоброто од ситуацијата“, истакнува Матес од Институт за германско стопанство.

Алтернатива за Германија има преку 10.000 членови, главно незадоволни од етаблираните партии. Некои сметаат дека имаат одредена мисија.

„Јас сум самохран татко на тригодишна ќерка и не сакам некогаш, по 15-20 години, таа да ми каже или да ме праша: 'Тато, не го виде ли тоа?'“

Во Линебург беше нагласувано дека партијата посебно сака да им се обрати на фрустрираните од политиката, кои не одат на гласање. Многумина од Алтернатива за Германија себе си се сметаат за граѓанско-конзервативни. Партијата добива наплив и од други политички правци.

„Проблем ми беше што ниедна партија веќе не ја чувствував како своја. Се ангажирам за Алтернатива, токму оти таа за мене е алтернатива“.

„Последните години веќе не знаев која од етаблираните партии да ја изберам. Секогаш го бирав помалото зло. Јас всушност сум еколошки ориентирана, но за жал Зелените го напуштија токму она, што јас го очекував од нив“.

Има ли Алтернатива за Германија навистина шанса на сојузните избори?

Демоскопите велат дека изгледите не се добри. Политикологот Франк Декер од универзитетот во Бон смета дека судбината на партијата е тесно врзана за судбината на еврото.

Gründungsparteitag der Alternative für Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Подршката од избирачите би можела да и’ опадне, доколку политиката за спас на еврото навистина се покаже како успешна. Многу зависи и од тоа, каков ќе биде економскиот развој во јужните евро-земји“, вели Декер.

Бернд Луке цврсто верува дека од есен ќе седи во Бундестагот. „Имаме силен наплив од населението, добиваме голема подршка. Штом ќе им се обратам на луѓето и ги информирам дека постои Алтернатива за Германија, практично секој втор ми вели дека тоа е супер работа и би гласал за нас“.

Во анкетите Алтернатива за Германија е под 5 проценти. Скорешно повторно раѓање на германската марка, значи, не е на повидок.