1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алармантна состојба во врвниот спорт

СН/ЕМФ/нк/дпа/сид 23 февруари 2013

Германска студија објавена деновиве покажа дека една третина од врвните спортисти страдаат од психички пореметувања. Најголема виновници се притисокот на средината и диктатот за подобри резултати.

https://p.dw.com/p/17kay
Фотографија: Fotolia/lakeemotion

Дека здравјето на врвните спортисти не е секогаш такво какво што се очекува од луѓе кои целиот свој живот му го посветуваат на телото и на телесните функции, се знае веќе одамна, особено по скандалите со допингување и самоубиствата на неколку професионални спортисти. Но студијата која по налог на фондацијата „Германска помош за спортот“ ја направи Високата школа за спорт во Келн фрла нова сенка врз животот на врвните спортисти.

Една третина со нарушено психичко здравје

Преку анонимниот прашалник кој го пополниле 1154 врвни спортисти во Германија е дојдено до заклучок дека речиси една третина од нив страдаат од некакви психичко заболување, како депресија, брнаут или пореметувања во исхраната. Психичките заболувања не зачудуваат ако се земе предвид дека дури 79,8 насто од испитаниците се жалат поради притисокот на средината која од нив бара секогаш подобри и поимпресивни резултати. Дури 5,9 насто од испрашаните спортисти признаваат дека редовно се допингуваат и без разлика на спортот. Фондацијата „Германска помош за спортот“, институција која меѓу другото се грижи и за социјалната благосостојба на спортистите во Германија, врз основа на овие резултати одлучи да го промени системот на наградување на врвните сортисти. Наместо парични премии за медали од светските или европските првенства, фондацијата во иднина ќе вложува повеќе во програми во кои спортистите подобро би се подготвиле за кариера надвор од спортот.

Symbolbild Schwimmen Butterfly
Фотографија: Fotolia/yanlev

И моралот на ниско рамниште

„Ние мораме да создадеме систем на наградување, кој нема дополнително да го зголеми притисокот врз спортистите“, изјави шефот на „Германска помош за спортот“, Михаел Илгнер при претставувањето на студијата пред Комисијата за спорт на германскиот парламент- Бундестагот.

Doping Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa

Но кај врвните спортисти не е проблемот само во физичкото и психичкото здравје. И кога моралот е во прашање, многумина се подготвени на чекори со кои би си ја подобриле материјалната сосстојба. 8,7 насто од спортистите признале дека учествувале во разговори за лажирање на спортски резултати. 37,2 насто одбиле да дадат одговор на ова прашање, што сигурно не говори во прилог на спортистите. Затоа не зачудува податокот дека кај населението има се‘ помалку волја за финансирање на врвниот спорт. За ваквата состојба најмногу придонесоа скандалите со наместени натпревари. Вестите за врвни спортисти кои крајот на кариерата го дочекуваат на телесно и психичко дно досега главно пристигнуваа од американскиот професионален спорт. Изгледа дека комерцијалниот притисок одамна започнал да го уништува здравјето и на европските професионални спортисти.