1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Актуелности и занимливости од светот на спортот

3 ноември 2003
https://p.dw.com/p/Aeob

Скандалот со допинг-стредството ТХГ (тетрахидро гестринон) и натаму го преокупира светот на врвниот спорт. Меѓународниот олимписки комитет реши да ги провери сите, пред се' правни аспекти, за тоа дали може да биде извршена нова контрола на сите зачувани проби земени за време на последната зимска олимпијата, сега само со цел да се утврди дали имало присуство и на ТХГ. Станува збор за 200 до 300 примероци од земена урина, стари веќе 19 месеци.

Комитетот за олимписката кандидатура на германскиот град Лајпциг во текот на деновите од изминатата недела го претстави логото на својата кандидатура, односно логото на игрите доколку Лајпциг биде избран за организатор. Стилизираните пламени јазици треба да ја симболизираат отвореноста на градот. По серијата информации за кадровски проблеми од различен вид во Комитетот, претставувањето на логото требаше да придонесе за свртување на вниманието кон позитивните аспекти од кандидатурата на Лајпциг. Градоначалникот Волфганг Тифензе искажа уверување дека во јули 2005-та Лајпциг ќе победи при изборот на домаќинот за игрите во 2012-та година.

А прв носител на олипискиот пламен за наредните игри во Атина 2004-та година ќе биде австралиската атлетичарка Кети Фримен, олимписки шампион од Сиднеј 2000-та година во трката на 400 метри. Таа факелот ќе го прими во мај на свеченоста во древната Олимпија, ќе го носи неколку стотици метри и ќе им го предаде на натамошните носители. "Традиција е последниот носител на олимпискиот пламен од претходната, да ја има честа да биде прв носител и за наредната олимпијада", објасни член на Организациониот комитет за игрите во Атина. Олимпискиот пламен ќе го носат повеќе од10 илјади луѓе, за 35 денови тој ќе помине низ 27 градови од пет континенти - за прв пат и низ Јужна Америка и Африка, и на 13-ти август ќе стигне на олимпискиот стадион во Атина, каде ќе се одржи свеченото отворање на олимпијадата.

Француските спортисти наскоро, можеби веќе на игрите во Атина, на големите манифестации на својот дрес покрај националното, ќе го ставаат и знамето на ЕУ. Тоа е предлог на францускиот министер за европски прашања Ноел Леноар во рамките на серијата мерки за засилување на чувството на Французите за припадност кон "политичка Европа". Веќе за време на годинашната велосипедска трка Тур д'Франс натпреварувачите од земјите на ЕУ, покрај знамето на својата земја, на маичките го имаа и знамето на Унијата. Според предлогот на Леноар, на сите значајни спортски манифестации треба да се вее и знамето на ЕУ. Некогашниот бугарски фудбалски репрезентативец Јордан Лечков на локалните избори во Бугарија е избран за градоначалник на неговиот роден град Сливен. Лечков, поранешен играч на ЦСКА од Софија, на Хамбургер, Олимпик од Марсеј и на Бешикташ од Истанбул, играше во бугарската репрезентација и во полуфиналниот натпревар на светското прврнство во САД 1994-та година. Сега 36- годишниот Лечков, сопственик на хотел и директор на локалниот фудбалскиот второлигаш, вети дека "Сливен ќе го претвори во вистински европски град".