1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Актуелната влада ја води Германија кон "државен банкрот"

26 ноември 2003
https://p.dw.com/p/AeSb
Спорот меѓу владините партии и оние на опозицијата околу буџетскиот дефицит вчера се пренесоа и во парламентот, каде пратениците од вчера расправаат за предлог буџетот на министерот за финансии Ханс Ајхел. Партиите на опозиционата Унија и' префрлија на црвено зелената коалиција во Берлин дека ја довела земјата на работ на "државен банкрот".

Партиите на Унијата и Либералите воопшто не сакаа да дебатираат за буџетот, туку бараа одлагање на расправата се додека не заврши со работа Одборот за посредување меѓу Бундестагот и Бундесратот (одборот на покраините). Но, ваквото барање беше отфрлено со мнозинството гласови на СПД и Зелените во парламентот. Така надлежниот министер Ханс Ајхел мораше да се соочи со критиката на пратеникот на ЦДУ, Дитрих Аустерман:

"Министерот за финансии ја слабее заедничката валута. Тој прави Германија од година в година да биде се' посиромашна. Тој зборува за консолидирање на буџетот, а всушност предизвикува постојан пораст на задолжувањето. Тој зборува за долготраен и постојан развој, а при тоа ја уништува економската база на оваа земја" - нагласи Аустерман.

Тој процени дека во сегашниот нацрт буџет, што го поднесе Ајхел во Бундестагот, се кријат уште дополнителни 20 милијарди ново задолжување, згора на сегашните 30 зацртани милијарди. Освен тоа, предвидениот стопански пораст од 1,7% нема да помогне во намалувањето на невработеноста.

Социјалдемократите го бранеа нацрт буџетот. А Министерот за финансии, Ајхел, ја бранеше и одлуката на европските министри со која се одбегнати дополнителните обврски за штедење, што на Германија и Франција планираше да им ги наметне евро-комесарот Педро Солбес.

Денеска продолжува дебатата во Бундестагот со расправата за буџетот на канцеларот, што е по традиција прилика за генерална пресметка на опозицијата со владината политика.