1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аксел Вебер - нов шеф на Бундесбанката

21 април 2004
https://p.dw.com/p/AeRX
Аксел Вебер
Аксел ВеберФотографија: AP

По оставката на Ернст Велтеке црвено-зелената коалиција во Берлин брзо најде заменик за најплатената јавна функција во државата. Министерството за финансии ја потврди информацијата што брзо се прошири дека нов шеф на Бундесбанката ќе биде Аксел Вебер.

Возраст 47 години! Оженет, татко на две деца! Тоа е најкусо цивилната карта на новиот претседател на германската Централна банка. Тој до сега не се профилираше во јавноста, туку повеќе дејствуваше од ешалонот експерти за финансиска политика. Иако неговата досегашна професионална кариера се одвиваше пред се на полето на науката, Аксел Вебер важи како експерт кој е исто така многу способен да се справи и со проблемите од “суровата реалност“. Тој веќе две години е поради тоа и член на “Советот на петтемина мудреци“, кои се официјални советници на германската влада за сите економски прашања.

Неговата кариера почна во 1982. година на Универзитетот во Зиген, каде беше соработник при катедрата за парични прашања и валути. По магистерската титула во 1987. тој работеше во повеќе центри за меѓународни економски истражувања, како што се Лондон, Вашингтон и Франкфурт, но остана и контактот со Универзитетот во Зиген каде во 1994 година и докторира.

Аксел Вебер извршуваше и повеќе советодавни функции, а меѓу неговите налогодавци се вбројуваат Европската комисија, Европскиот Парламент, Австриската национална банка – само да спомнеме дел од реномираните институции кои се потпираа врз неговите научни анализи. Во улогата на успешен советник Вебер ги воспостави и првите контакти со германската Централна банка, а преку нив и со политиката. Пред четири години беше вклучен во советодавниот орган на Бундесбанката, во 2001-та беше експерт за економски прашања на Управниот одбор на владеачката Социјалдемократска партија, кога стануваше збор за можни реформи на меѓународниот финансиски систем. Но, на професорот Аксел Вебер сепак не може да му се припише поврзаност со СПД, тој не е член на ниту една партија и неговиот економско-политички курс не и припаѓа на ниту една политичка опција.

Од 2001 година Вебер е професот на Универзитетот во Келн, каде предава на катедрата за меѓународна економија. Се на се, тој има зад себе обилно научничко искуство и неспорна компетентност, но дали тоа ќе биде доволно и за успешно извршување на должноста како шеф на една од најважните институции на СРГ – останува да покаже времето!