1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ако чекаш социјална помош, ќе се начекаш

16 март 2010

Кризата и се’ потешкото полнење на буџетот, се чини, се одрази и врз уште една категорија граѓани во Македонија- социјаланите случаи. Власта и директно засегнатите имаат различни видувања и толкувања на состојбите.

https://p.dw.com/p/MOWh
Фотографија: picture-alliance/dpa

Додека мајките на болните деца велат дека веќе три месеци ја немаат примено и онака прениската помош за болни лица, од Министерството за труд и социјална политика наведуваат дека помошта редовно се исплатува, пари за нив има во буџетот и дека наскоро ќе биде исплатена и помошта за февруари.

Висината на помошта е ниска

Но, мајките на овие деца се децидни дека пари немаат видено уште од декемрви. „Последната помош што ја добивме беше за декемрви. Станува збор за 4.200 денари и тие пари не ни стигаат за лекови за 10 дена,“ вели една загрижена мајка.

Skopje Zentrum
СкопјеФотографија: DW

За висината на помошта реагира друга самохрана мајка на три деца, која не знае како да сврзе крај со крај со овие пари. „Би го поздравила премиерот и би го поканила да мине еден месец со 4.000 денари и ако успее да го прогласиме за херој,“ вели една жена, која прва јавно проговори за проблемот со социјалната помош.

Ивица Младенов, претседател на невладината „Хоризонт Македонија“ вели дека само во последните два месеци кај нив помош побарале околу 3.000 лица корисници на секаков вид помош од државата. „Факт е дека по нашите интервенции, во Македонија почна редовната исплата на социјалната помош, но не за сите категории. Аргументирано тврдиме дека нема пари за лицата со посебна помош, а тоа се лица за кои треба постојана нега од нивните родители,“ вели Младенов.

Во Македонија има околу 100.000 корисници на различни видови социјални бенефиции, од кои 53.000 се корисници на социјална помош, 23.000 на туѓа нега, околу 22.000 на постојана парична помош и 5.000 на инвалидски и детски додаток.

Има ли решение за овие категории граѓани?

„Има решение. Ако може владата да троши 200 милиони евра за изградба на споменици во ваква економска криза, зошто дел од тие средства не ги насочи за ублажување на ситуацијата на оваа категорија загрозени граѓани. Изгледа премиерот Груевски не е свесен дека оваа кетегорија граѓани го донесе Груевски на власт и дека оваа категорија ќе го симне од власт, ако вака продолжи,“ вели Младенов, кој објаснува дека поради ваквите свои ставови стана цел на постојани закани.

И професорот по социјална политика и политичар, Нано Ружин, смета дека владата не доволно прави за квалитетното згрижување на овие социјални случаи. „Битката против сиромаштијата или ако сакате битката за социјална правда, односно битката против социјалната неправда треба да се зајакне. Оваа влада има концепт кој многу малку време и посветува на оваа тема. Заборавивме да зборуваме за проблемите на невработеноста. Луѓето толку се разочараа затоа што се зборува само за партиски вработувања. Значи луѓето се дискримирани на илјада основи“, вели Ружин.

Инаку, станува збор за социјална помош или посебни додатоци на оваа социјална помош, што месечно се движи од 1.000 до 4.000 денари, а зависи од бројот на членови во семејството која ја добиваат.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Александра Трајковска