1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ако денот по утрото се познава, фаворитите за Оскар се (не)јасни

ЕМФ/миа/дпа13 јануари 2014

Филмот „12 години ропство“ е овогодишен добитник на Златниот глобус за најдобра драма. Голем добитник на вечерта на доделување на Златните глобуси во Лос Анџелес сепак беше комедијата „Американски измамници“.

https://p.dw.com/p/1AphC
Фотографија: Reuters

Делото на режисерот Стив Меквин е добитник на главната награда во Лос Анџелес. Златниот глобус за најдобра филмска драма е доделен на филмот „12 години ропство“ (на насловната фотографија дел од екипата), кој се темели на вистинска приказна за Афроамериканец кој е продаден во периодот пред американската Граѓанска војна. Од овој филм се очекуваше многу повеќе со оглед на тоа дека имаше седум номинации. Голем победник на вечерта, со три освоени Златни глобуси, е комедијата „Американски измамници“, кој исто така имаше седум номинации. Филмот, меѓу другото, ја доби наградата за најдобра комедија.

Bildergalerie Golden Globe Awards 2014 Cate Blanchett Porträt
Кејт БланшетФотографија: Reuters

За најдобри актери во машка и женска конкуренција во категоријата драма се прогласени Кејт Бланшет (Блу Џасмин) и Метју Меконахи (Далас Бајерс Клуб). Ејми Адамс е прогласена за најдобра актерка во комедија (Американски измамници), додека во машка конкуренција оваа награда отиде во рацете на Леонардо ди Каприо (Волкот од Вол Стрит).

Bildergalerie Golden Globe Awards 2014 Roter Teppich Jennifer Lawrence
Џенифер Лоренс на црвениот тепихФотографија: Reuters

Златниот глобус за најдобра споредна улога ја доби Џенифер Лоренс (Американски измамници), додека во истата категорија во машка конкуренција награден беше Џеред Лето (Далас Бајерс Клуб)

Наградата за најдобар режисер ја освои Мексиканецот Алфонсо Куарон, чиј филм „Гравитација“ стана вистински хит во кината ширум светот, а собра и одлични критики.

Golden Globe Awards 2014 Breaking Bad Bryan Cranston
Брајан КренстонФотографија: Reuters

Наградата за најдобра драмска телевизиска серија и‘ припадна на серијата „Брејкинг бед“, а нејзиниот главен актер Брајан Кренстон се закити со наградата за најдобар актер во драмската телевизиска серија. Најдобра комедија е серијата „Бруклин најн-најн“, а актерот Енди Семберг е прогласен за најдобар во телевизиска серија во категоријата на комедии.

Овогодишните Златни глобуси не донесоа јасни фаворити за претстојното доделување на Оскарите. Номинациите за Оскар треба да бидат познати во четврток (16.01).