1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Академик Старделов: МАНУ да ја запре оваа фурија

Катерина Блажевска17 јули 2013

Уверен сум дека имињата на оние кои беа ставени на столбот на срамот и натаму ќе зрачат и дека МАНУ нема да се согласи тие да се избришат или заминат од нејзините редови, вели академик Георги Старделов

https://p.dw.com/p/199OT
Фотографија: DW/K. Blazevska

Последната „тура“ од процесот на лустрација кој на јавна сцена го исфрли името на академикот и скулптор Томе Серафимовски, а најави и постапка за друг академик, повторно ја вжешти полемиката во македонската јавност.

МАНУ, која веднаш реагираше на лустрацијата на Славко Јаневски, овој пат не се огласи поради службено отсуство на нејзиниот претседател. Својот личен став за Дојче веле го соопшти академик Георги Старделов, поранешен претседател на МАНУ. Тој со жалење констатира дека „ова што се случува со гротескни искривоколчувања на т.н. процес на лустрација, води кон сознанието дека на македонскиот народ по којзнае кој пат му се повторува познатиот синдром на македонски расколи, кавги и меѓусебно ништење“.

„За жал тоа денес се одвива на институционално ниво. Фатално е за еден народ, кој е толку пати одречуван, оспоруван, обезименуван и понижуван, да ги доведува во прашање оние трајни столбови кои го воздигнаа на светско рамниште македонскиот јазик, култура и идентитет и со неподнослива леснотија да го урива угледот на оние бележити луѓе кои му дадоа духовна димензија на македонскиот народ. Јас сум длабоко уверен дека имињата на оние кои деновиве беа испоплукани и ставени на столбот на срамот и натаму ќе зрачат како факели на македонскиот историски пат, дека МАНУ ќе се спротивстави на оваа фурија за уништување на македонскиот креативен дух и дека нема да се согласи тие да се избришат или да заминат од нејзините редови“, вели Старделов.

Georgi Stardelov, Präsident der Mazedonischen Akademie für Wissenschaft und Kunst
Акадмик Георги СтарделовФотографија: DW

Одмаздничко прочистување

Но, дали МАНУ може да го спречи тоа? Во знак на протест, академик Божин Павловски, преку отворено писмо под наслов „Збогум, со здравје“, адресирано до премиерот, МАНУ и Друштвото на писателите на Македонија, веќе најави дека по 25 години заминува од Академијата, по 50 години од ДПМ и дека се враќа во својата втора татковина Австралија, каде на најубав начин ќе продолжи да ја промовира својата прва татковина. Неофицијално, тој бил на дневниот ред на последната седница на Комисијата за лустрација, но по барање на неколку членови – предметот бил одложен.
„Македонскиот закон за лустрација изгледа како копија на еден од првите закони што го изгласаа Црвените Кмери во Камбоџа, кој послушниците на Пол Пот го дообјаснија во весниците со кампања наречена 'Да се прочистиме', која пак е идентична со кампањата на овдешните владејачки кадровици. Одете во Пном Пен за да ги видите последиците од тоа одмаздничко прочистување, а посетете ги и затворите и душевните болници во кои таму лежат последните извршители на тој геноцид. Пред да го осиромашат и раселат народот, јуришниците на Пол Пот ги покосија уметниците, научниците, публицистите, интелигенцијата, за да останат помалку сведоци на идната трагедија“, напиша Павловски.
 
Доста со валканици под тепих

Јавноста и натаму е длабоко поделена по прашањето на лустрацијата. Додека едни се залагаат за заштита на македонските културни и научни „икони“, дел сметаат дека таква митологизација не му е потребна на општеството.

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции, Ивица Боцевски, деновиве предизвика реакции со ставот дека „македонскиот комунизам создаде систем на вредности каде што големината на делото на научникот и на уметникот не се мереше според неговата објективна научна и културна тежина, туку со неговата слепа верба во каноните на единствената партија“. Тој смета дека процесот на лустрација не е доволен за соочување со тоталитарното минато.

„Од Мурманск до Бургас и од Драч до Владивосток, се чини дека од демократизацијата и од преодот кон пазарното стопанство, главен победник се' уште се старите тоталитарни мрежи, темелно препакувани за новото време. Најзначајно е што кај нас се отвори приказната. Од расипаната конзерва излегува многу гниеж и смрдеа Дали по сите овие откритија, некој се' уште се сомнева каква била природата на македонскиот комунизам и како изгледале канџите на тој суров систем? Тие суровости мора да си го најдат својот пат до учебниците по историја и граѓанско образование“, вели Боцевски.
Според него, најчудниот аспект од тој процес се пискотниците за „загрозувањето на македонскиот идентитет“.

Ivica Bocevski
Ивица БоцевскиФотографија: Dragan Todorovski

„Соседна Бугарија лустрираше академици, писатели и тогаш актуелен претседател, па никој не повика дека е загрозен бугарскиот идентитет. Во Полска се покажа дека и Католичката црква била активен дел од системот на тајните служби, па не се редефинира односот на Полјаците кон католицизмот и кон Црквата. Вредноста на македонските научни и културни работници ќе бидат оценети од науката и културата, независно од политичкиот активизам на дел од нив во поранешниот систем. Ни културата ни науката, а најмалку македонскиот идентитет, ќе загубат нешто со фрлањето светлина на овој период од историјата. За разлика од оние кои сметаат дека валканиците треба да се кријат под тепих, сметам дека Македонија е доволно зрела да се соочи со црните петна од минатото и да донесе поучни заклучоци за иднината“, вели тој.

Шанса за историчарите

Според историчарот Зоран Тодоровски, процесот на лустрација за историчарите е можност да се расветлат податоци битни за историската наука.
  
„Како историчари сакаме да знаеме што се случувало во одредени периоди. На пример, немаме никакви информации од периодот на Информбирото. Дел од податоците се во Белград, дел во МВР. Важно е да расветлиме како во одредени периоди властите се однесувале кон сите процеси- политички, економски, културни и како се стекнале со позиции, имоти... Интерес постои и за почетокот на повеќепартискиот систем. Досието 'Темел' водено од 1995 до 1998 година, покажува дека од рано наутро до вечер била следена тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ и покрај тоа што била легално регистрирана партија. Замислете, тоа се случувало во министерскиот мандат во МВР на човекот кој во 1989 година беше првиот претседател на Форумот за заштита на човековите права“, вели Тодоровски, кој денес е директор на Архивот на Македонија, во кој се архивирани 14.500 политички и 22.000 затворски досиеја. Дел од досиејата кои се спомнуваат во други предмети денес ги нема, што укажува дека се отстранети во мандатот на лица кои раководеле со безбедносните ресори.    

Ќар или зијан?

Венециската комисија во своето мислење, но и Стејт департментот и Советот на Европа во своите извештаи дадоа забелешки за дел од аспектите на лустрацијата, особено за одлуките на Уставниот суд кој оспори членови од законот, но тие повторно се најдоа во новото законско решение.
  
„Лустрацијата е важен процес, се' додека одејќи кон целта ги почитува човековите права и не ја компромитира правната држава. Во спротивно, може да предизвика повеќе штета отколку бенефит. Затоа, мора да се обезбедат сите услови кои тој процес ќе го водат кон расветлување и помирување, а не кон поделби и антагонизирање, што би било лош исход во време кога земјата е пред големи предизвици кои бараат силна општествена кохезија“, велат дипломатски извори.

Со исклучок на јавни трибини на кои доминираат еднострани толкувања на процесот на лустрација, од „една“ или „друга“ страна, до денес не е направена независна, стручна анализа на текот на лустрацијата и на нејзиниот учинок.