1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аеродромите се вечни градилишта

Зоран Јордановски24 јули 2008

Аеродромот во Франкфурт е најголемо градилиште во Европа и место со најголем број вработени во Германија. Претпријатието што управува со аеродромот експандира и во странство. Македонија не е во фокусот на Фрапорт АГ.

https://p.dw.com/p/EhW8
Аеродромот во ФранкфуртФотографија: Fraport AG

Тесно грло за авионскиот сообраќај се аеродромите. Франкфуртскиот аеродром минатата година опслужи 53 милиони патници - можеа да бидат и многу повеќе, но недостасува уште една писта. Таа би била четврта на овој аеродром; се планира, но ќе биде во употреба дури од 2012-та година. Се гради и нов терминал, специјално прилагоден за да прифати големи авиони како Ербас А 380. До 2025-та година предвидено е Франкфурт да може да опслужи максимално 100 милиони патници годишно.

Аеродромите како фактор за вработеноста

Со сите сегашни зафати кога ќе биде достигнат максималниот предвиден капацитет, аеродромот во Франкфурт пак ќе дојде до границата на капацитетите, токму како и другите 4 големи германски аеродроми. Оттука, веќе сега мора да се планираат зафати за наредни проширувања.

„За проширување во Франкфурт добивме дозвола за четврта писта и трет терминал. Европските аеродроми во моментов инвестираат околу 70 милијарди евра“ - информира Вилхелм Бендер, претседател на Управниот одбор на Фрапорт АГ, како што се вика претпријатието што управува со франкфуртскиот аеродром.

Аеродромите не само што се битни за одвивањето и развојот на воздушниот сообраќај, туку се важни и од аспект на создавање работни места. „Овде на аеродромов работат околу 70 илјади луѓе, а само во Фрапорт АГ 18 илјади. Ние, заедно со оние што ги имаме во светот, севкупно вработуваме околу 25 илјади луѓе“, вели Бендер.

Фрапорт експандира и во светот

„За надворешните бизниси имаме релативно едноставна стратегија и филозофија и таа гласи: ние сакаме таму да заработиме пари“, отворено кажува Бендер. Но, според него, интересот не е едностран: „Со тоа е поврзана и полза за земјата-партнер и аеродромот-партнер, оти сметаме дека со нашето ноу-хау често пати можеме подобро да водиме еден аеродром, отколку што тоа може да го прави локалниот партнер кој го нема нашето искуство“.

Frankfurter Flughafen, Luftaufnahme
ФранкфуртФотографија: dpa

Фрапорт е присутен и на Балканот - засега само во Бугарија. „Бизнисот оди добро. Ги водиме аеродромите во Варна и Бургас. Тоа е цикличен бизнис - в зима е релативно мирно, затоа пак в лето имаме сообраќаен бум. Досега работите ни одат подобро отколку што очекувавме“.

Македонија не е на агендата на Фрапорт АГ

Бендер информира дека во времето на Зоран Ѓинѓиќ се воделе разговори за преземање на белградскиот аеродром, но по убиството на тогашниот српски премиер идејата е напуштена. Во моментов е актуелен аеродромот во Мостар. Македонија не е на агендата на Фрапорт.

„Мислам дека во моментов немаме никакви разговори во Македонија оти типична појдовна точка за такви разговори е владата да рече: ние сакаме да приватизираме и сакаме да имаме партнер. Не е типична ситуација управувачот со аеродром да и’ пријде на владата, оти секогаш прво мора да уследи политичкиот процес за приватизација“ - укажа доктор Вилхелм Бендер, претседател на Управниот одбор на Фрапорт АГ, претпријатие што управува со франкфуртскиот аеродром.