1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Администрацијата е (не)подготвена за реформи

14 март 2011

Македонската влада најави измени на повеќе закони за реформа и за подобро работење на администрацијата. Опозицијата смета дека станува збор само за обид на власта од администрацијата да се исфрлат неподобните кадри.

https://p.dw.com/p/R8IU
Зградата на македонската владаФотографија: DW

Премиерот Никола Груевски пред десетина дена соопшти дека Владата донела одлука за измени и дополнувања на осум закони што се однесуваат на работењето на администрацијата. Во следните шест месеци ќе бидат изменети уште десетици други материјални закони што ќе бидат во насока на реформа на државната и јавната администрација. Груевски имено најави серија мерки што владата ги подготви, а кои имаат за цел да им го олеснат контактот на граѓаните со администрацијата. Ефектите од неа, најави, ќе бидат видливи веќе кон крајот на годината.

Психолошки тест и драконски казни

Станува збор за воведување на серија постапки: од психолошки тестови при вработување, пробен период на работа при вработување, санкционирање на функционерите во администрацијата со драконски казни за ненавремено или воопшто незавршена работа на граѓаните и други.

„Тестот треба да обезбеди дека идните вработени во администрацијата ќе бидат психолошки здрави личности и личности чиј интегритет е доволно висок за да станат дел од јавната и државната администрација" рече Грувески на промоцијата на реформата.

Gruevski Statement.jpg
Премиерот Никола Груевски ги претстави реформските планови на владатаФотографија: DW/MIA

Реформи без претходна јавна расправа

Потпретседателката на опозицискиот СДСМ и професор по Административно право на Правниот факултет во Скопје, Ана Павловска Данева, смета дека вакви сериозни зафати во администрацијата не треба да се прават без опозицијата во парламентот, а чудно е што реформата се најавува без претходно да се поведе и јавна расправа, што е еден нормален демократски процес.

Тоа, вели Павловска Данева, зборува дека изгласувањето на овие неколку закони во парламентот ќе биде легално, но од друга страна ќе биде и проблематично од аспект на легитимноста на овие законски одредби, затоа што тие имаат влијание врз огромен број луѓе, како врз граѓаните, така и врз администрацијата, на која и се однесуваат.

„Владата нема политичка волја и слух да ги примени или имплементира веќе постојните законски одредби за деполитизација преку кои вистински може да дојде до департизирана администрација. Сега се зголемуваат дискреционите овластувања на министрите или директорите да се ослободат од сите кадри кои не се по волја на владеачката партија" вели Павловска Данева.

SDSM Gebäude in Mazedonien
Во СДСМ велат дека владата не сака вистинска деполитизација на администрацијатаФотографија: Petar Stojanovski

Нема темелна реформа без темелна подготовка

За професорот Борче Давитковски, оваа најавена реформа од осум закони, всушност се измени на три закони: Законот за општа управна постапка, Законот за државни службеници и Законот за јавни службеници. Според него, ова не е темелна реформа, бидејќи за такво нешто треба темелна работа и подготовка. Но, додава, добро е што се нудат решенија за помош нај граѓаните, тие веќе да не се шиканираат, како и тоа што конечно се сфати дека нешто треба да се менува.

Давитковски вели дека го загрижува тоа што администрацијата не е подготвена за оваа реформа. Прво таа е информатички неподготвена и второ затоа што и треба барем шестмесечна обука.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
Администрацијата мора да биде подготвена за идните преговори за членство на Македонија во ЕУФотографија: Petr Stojanovski

„Треба да се направи Академија за обука, центар или да се ангажира универзитетот, Да се изведе обука, потоа да има општо тестирање за сите 12 скалила на државната администрација - од државен секретар до помлад референт, па дури тогаш да можеме да очекуваме некакви резултати. Затоа во овие услови ние не можеме да очекуваме департизирана администрација", вели професорот.

Администрацијата е клучна во идните преговори со ЕУ

Државната администрација, која во моментов брои околу 10.000 членови, вели Давитковски, ќе ни биде многу потребна кога ќе го добиеме датумот за почетокот на преговорите, затоа што на нејзини плеќи ќе се изведе целиот процес на усогласување на законодавството во сите 35 поглавја. Таа треба да е добро реформирана и подготвена, бидејќи заедно со европските бирократи ќе треба да комуницира, да ја каже нашата слика, да ги прими насоките и роковите до кога тоа треба да се заврши.

Тоа е работа на државната администрација. Ако ние не ја спремиме тоа ќе биде фијаско. Нестрпливо го чекаме денот за преговори, а фактички ќе одиме со луѓе кои не се кадарни да одговорат на бараните прашања. Министрите не одговораат на овие прашања, туку луѓе кои се посебно подготвени за тоа и работат на специфични сегменти од администрацијата",објаснува професорот Давитковски.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Симе Недевски