1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Агенцијата Фич го намали рејтингот на Грција

БГ/миа/дв18 мај 2012

Агенцијата Фич го намали рејтингот на Грција за еден степен од „Б-“ на „тројно Ц“. Од ММФ соопштија дека ги прекинуваат контактите со Атина се’ до завршувањето на новите избори во земјата.

https://p.dw.com/p/14xGC
Фотографија: AP

Агенцијата Фич го намали рејтингот на Грција за еден степен од „Б-“ на „тројно Ц“, поради зголемениот ризик од принудно излегување на земјата од еврозоната. Во соопштението на Фич се наведува дека намалувањето на рејтингот доаѓа по добрите резултати, кои на изборите во Грција ги постигнаа партиите кои се противат на мерките за штедење и поради неуспехот по изборите од 6 мај да се формира влада. Нови избори во Грција се закажани за 17 јуни.

Symbolbild Wirtschaft Banken Europa Ratingagentur
Рејтингот е намален поради ризикот за излез од еврозонатаФотографија: dapd

Вчера Меѓународниот монетарен фонд соопшти дека ги прекинува сите контакти со Грција до новите парламентарни избори и покрај формирањето на преодна влада во Атина.

„Евидентиравме дека се најавени нови избори и се радуваме на контактот со новата влада, кога таа ќе биде формирана“, изјави во Вашингтон портпаролот на ММФ Дејвид Хоули.

Наредната мисија на ММФ, која ќе го испита напредувањето на реформите ќе уследи по одржувањето на изборите закажани за 17 јуни, истакна Хоули.

Програмата на ММФ и ЕУ за помош на Грција вредна е 130 милијарди евра, а исплатата на средствата на ММФ се блокирани поради неуспехот на Атина по долготрајните преговори да формира нова влада.