1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Автопат од Табановце до Богородица

6 декември 2011

Новата траса ќе ја заобиколува клисурата во Демир Капија, најпроблематичниот и најтежок за возење дел од патот кон Грција

https://p.dw.com/p/13NbJ
Фотографија: Dragan Maksimovic

Петнаесет компании денеска поднесоа понуди за изведување на градежни работи за проектот Изградба на нова автопатска делница Демир Капија – Смоквица, дел од Пан-Европскиот Коридор 10”.

До крајниот рок за доставување на понудите се пријавија неколку австриски, неколку италијански, неколку грчки, германски Hochtief Solutions како и фирми од Турција и Кина.

Градежната компанија што ќе биде избрана на тендерот ќе добие бизнис вреден 270 милиони евра. Станува збор за изградба на автопат долг 28,2 километри кој целосно ќе ја заобиколува демиркаписката клисура. Предвидено е изградбата на делницата да почне во 2012, а да заврши до 2016 година. Со изградбата на автопат од Демир капија до Смоквица ќе се комплетира Kоридорот 10 на македонска територија.
На делницата ќе има две сообраќајни ленти од двата правца, секоја широка по 3,5 метри. Дополнително ќе има и трета лента предвидена за застанување. Во средишниот дел планиран е разделен појас широк 3 метри, со зеленило и дренажен систем. Максимално дозволена брзина ќе биде 110 километри на час.
Досегашните студии предвидуваат дека, по завршувањето на автопатот, делницата дневно ќе ја минуваат околу 10 илјади возила.

Autobahn Montenegro
Фотографија: DW

Домашните градежници исклучени од трката

Градежните компании од Македонија не ги исполнуваат условите за учество на тендерот. Меѓу другите пропишани критериуми се бара гаранција од три милиони евра, проекти во вредност од 150 милиони евра, изграден автопат вреден над 250 милиони евра и искуство во изградбата на тунели и мостови. Овие услови ќе направат градежниците од Македонија подизведувачи, слично како и во претходните големи проекти што ги добиваа странски градежни компании кои потоа ги ангажираа домашните како подизведувачи.

Градежниците апелираат да не се дозволи странски фирми да ги добиваат тендерите на хартија, да го инкасираат најголемиот ќар од европските пари во нивните каси, а на терен повторно да работат наши оперативци за мала провизија.

Синдикатот за градежништво и проектирање побара да се преиспитаат условите од тендерот за изградба на оваа автопатската делница бидејќи биле дискриминирачки за македонските градежни компании. Според претседателот на овој синдикат Павел Трендафилов, нелогично е во услови на пазарна економија уште на почеток да се елиминираат домашните фирми.

„Домашните комании ја изведуваат целата работа, а земаат малку пари. Главниот бизнис ќе го земат странците поради нелогичните ограничувања поставени во условите за тендерот. Синдикатот повеќе време апелира да се почитува кодексот и да се дозволи да учествува секоја компанија. Да не се фаворизираат странски компании на сметка на домашните“, изјави за Дојче Веле, Трендафилов.

Autobahn A2 Polen
Фотографија: gemeinfrei

Македонците работат, странците „го собираат“ кајмакот

Таквите пример во минатото се бројни. Договорот склучен со словенечката „Алпине“ за изградба на автопатот Табановце - Куманово, која за сите работи ги ангажираше „Маврово инженеринг“, грчка „Терна“, го доби бизнисот со обиколницата а целата работа ја заврши „Бетон“.
Начниот на финансирање на проектот е следен:
Европската инвестициска банка и одобри 130 милиони евра на Македонија под исклучително поволни услови, со каматна стапка од 1,3 отсто, со рок на отплата од 15 години, со вклучени пет години грејс-период. Покрај ЕИБ, во финансирањето ќе учествуваат и ЕУ со грант од 45 милиони евра преку ИПА-програмата и ЕБОР со заем од 107 милиони евра, од кои 90 милиони евра се наменети за изградба на автопатот, а остатокот за модернизација на системот за наплата на патарина и наплатните станици долж автопатот на Коридор 10. Македонија учествува во проектот со околу 6 милиони евра обезбедени од буџетот на државата.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Борис Георгиевски