Автобуска несреќа однесе 44 животи
30 октомври 2013Пожарот избувнал откако автобусот удрил во банкина на патот меѓу Бангалор и Хајдерабад и потоа излетал, изјави портпаролот на полицијата.
Пет од 49 патници во автобусот, вклучувајќи го и возачот и хигиеничарот на превозното средство, успеале да го разбијат стаклото и да излезат пред да избувне огнот. Возачот и хигиеничарот се обиделе да побегнат, но полицијата ги привела на распит. Најголемиот дел од загинатите спиеле додека автобусот патувал кон Хајдерабад.
Роднините на жртвите се собраа пред канцелариите на автобуската компанија во Хајдерабад барајќи објаснување за несреќата од надлежните.
Најголемиот дел од жртвите биле изгорени до непрепознавање, а на телевизиските снимки се гледа целосно изгорениот автобус, до кој пожарникарите не успеале навремено да стигнат.
Поголемиот дел од патниците биле работници кои се упатиле кон родниот крај на прослава на хинду празникот Дивала, кој се одржува викендов.
Во 2012 година во Индија во сообраќајни несреќи загинале над 140 илјади луѓе, или по 16 луѓе на секој час. Лошите патишта, неприлагодената брзина и недостатокот на сообраќајна култура се главни причини за големиот број несреќи.