1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аврамопулос навреди македонски новинар

БГ/миа31 јули 2013

Грчкиот министер за одбрана Димитри Аврамопулос со обид за навреда одговори на прашањето на МИА дали при посетата на Вашингтон со американскиот колега Чак Хејгл го отворил прашањето на спорот за името.

https://p.dw.com/p/19HY9
Фотографија: picture-alliance/dpa

Аврамопулос, чиј кабинет во текот на целиот ден се обидуваше да избегне средба на која би можел да биде прашан за спорот за името, конечно одговори со сугестија дека Македонците треба да зборуваат грчки.

„Од каде сте? Македонија? Па зошто тогаш не зборувате грчки?, одговори Аврамопулос на прашањето на дописникот на МИА, по што набрзина се повлече на страна. Грчкиот министер за одбрана, кој до неодамна беше шеф на грчката дипломатија, во Пентагон имаше куса средба со секретарот Хејгл. Согласно информациите од американскиот Секретаријат за одбрана, на средбата не станало збор за спорот за името.

Аврамопулос е во Вашингтон на недела дена пред доаѓањето на грчкиот премиер Андонис Самарас, кој ќе има средба со американскиот претседател Барак Обама, потпретседателот Џо Бајден и државниот секретар Џон Кери. Во пресрет на посетата, американската администрација, преку неодамнешните сведочења во Сенатот на претставници на Стејт департментот, најавува дека затворањето на балканските прашања ќе биде поставено на агендата, но со акцент на прашањето на Кипар. Грчкиот министер, пак, се пофали со срдечната средба во Вашингтон и со грчките активности за надминување на економската криза, но не сакаше да прифати прашања ниту од единствениот друг медиум, Гласот на Америка на грчки јазик, кој дојде да ја проследи неговата посета.

Портпаролот на Аврамопулос дури се обидуваше да го спречи присуството на МИА на церемонијата на дочекот во Пентагон, каде грчката делегација беше гостинска, како и на Споменикот на американското воено воздухопловство, меморијален центар отворен за јавноста, каде Аврамопулос ја даде својата изјава.