Аврамопулос бара од Македонија доказ за добрососедство
17 декември 2012Логично е дека секоја земја има свои чувствителни прашања за кои смета дека се од суштинско значење. Грчките позиции, ставовите на бугарската политика и однесувањето на Скопје се познати, изјави министерот за надворешни работи на Грција Димитрис Аврамопулос во интервју за бугарската новинска агенција БТА.
„Чувствителностите се различни. Но постои заедничка сериозна загриженост за порастот на националистичката и популистичката реторика и развојот на атмосфера на нетолеранција“, рекол Аврамопулос.
Според него, тоа не е во согласност со европските вредности, ниту со добрососедските односи, кои се темел на европската интеграција.
„Земја која тврди дека има европски амбиции и ориентација како што е поранешната југословенска Република Македонија треба да докаже во пракса дека го почитува принципот на добрососедски односи. И ние сме тука за поддршка на овој нов курс, откако ќе се исполнат условите“, изјавил Аврамопулос за БТА.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов и 11 министри од бугарската влада денеска (17.12) во Атина ќе учествуваат на второто заседание на Советот за соработка на високо ниво меѓу владите на Грција и Бугарија.