1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Августовската криза“ во Русија

13 август 2010

Угледот на рускиот политички врв Медведев-Путин нема да биде нарушен со пожарите, дури и покрај тоа што природната катастрофа повторно ги изнесе на виделина недостатоците на рускиот политички систем.

https://p.dw.com/p/OjYF

„Руското проклетство во август“ за жал се повтори и оваа година. По финансиската криза, несреќите со подморниците, терористичките напади, војните и техничките катастрофи, како на пример експлозијата во една хидроцентрала, оваа година Русија ја погодија високи температури и катастрофални шумски пожари, кои со денови ја завија Москва во густ смог.

Државното раководство неуморно работи

Никому не може да му се припише одговорноста за климатските услови и високите температури во Русија, па ниту на претседателот Медведев и премиерот Путин. Сепак, годинешната „августовска криза“ не ја разоткрива само широко распространетата некомпетентност на руската бирократија, туку и сите недостатоци на политичкиот систем во Русија.

Секако, Дмитри Медведев и Владимир Путин извлекоа поука од минатите катастрофи. Од почетокот на кризата, руската телевизија ги покажува како неуморно работат. Претседателот Медведев притоа им дава строги упатства на високите функционери, што има голем ефект во медиумите. Премиерот Путин често оди на погодените места и на жртвите им ветува помош по итна постапка. Тој исто така двапати леташе, придружуван од медиумите, како копилот во авион за гасење пожар. Руското државно раководство веќе не ги прави истите грешки како пред десет додини, кога се случи несреќата со атомската подморница „Курск“. Тогаш новоизбраниот претседател Путин беше критикуван поради тоа што не го прекина одморот, а исто така помина долго време додека даде официјална реакција за несреќата.

Ingo Mannteufel
Авторот на коментарот Инго Мантојфел

Медведев и Путин денес не прават такви грешки. Затоа нивниот политички имиџ, во очите на руското население, изгледа нема долготрајно да биде нарушен поради пожарите. Цената за тоа што шумските пожари, кои се вообичаени во летниот период, може да доведет до целокупна криза, ќе ја платат некои пониски службеници во соодветните институции и региони. Ним ќе им се префрли одговорноста за недоволните мерки за заштита, немањето апаратура и лошата информативна политика. Во тој поглед, интересно е прашањето дали моќниот градоначалник на Москва, Јури Лушков ќе биде ставен под притисок, оти и покрај агресивниот смог во престолнината, тој го прекина одморот дури подоцна.

„Вертикала на моќта“ создадена во времето на Путин

Но, актуелната криза не им се припишува само на индивидуалните грешки на поединечни бирократи. Во реалноста таа се однесува на суштината на политичкиот систем, создаден во времето на Путин, таканаречената „вертикала на моќта“. Според системот, кој е во голема мера централизиран, одговорните на регионално и локално ниво немаат доволно одврзани раце да дејствуваат, а не располагаат ниту со доволно финансиски средства. Жителите на поединечните региони не ги избираат гувернерите, туку нив ги назначува претседателот. Така, кога треба да донесат поважни одлуки, шефовите на областите чекаат инструкции од Кремљ и од сојузните власти, кои се под контрола на Москва.

И бирократијата е исто така подложна на неефикасност и корупција, оти не се прави јавна контрола на управата. Покрај тоа, потребни се и слободни медиуми и независно судство. Дека Путин не и` верува на јавната администрација покажува фактот дека дал налог да се инсталираат камери, за да може да ја контролира повторната изградба на куќите преку интернет. Но, многу покорисно од камерите би била структурната и целокупна модернизација на Русија. „Августовското проклетство“ тогаш можеби ќе падне во заборав.

Автор на коментарот: Инго Мантојфел

Превод: Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска