1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Абу Катада тврди дека е невин

ЕМФФ/афп/дв7 јули 2013

Исламскиот проповедник Абу Катада се изјасни како невин по обвинувањата од јорданските воени обвинители. Абу Катада по цела деценија правни натегања, вчера (06.07) беше испорачан од Велика Британија во Јордан.

https://p.dw.com/p/193O2
Фотографија: Getty Images

Новинарите не добија дозвола за влез во судската сала за да ги слушнат обвиненијата против Абу Катада, човекот за кого што се тврди дека му бил десна рака на терористичкиот лидер Осама Бин Ладен и дека играл важна улога во терористичката мрежа Ал Каеда. Адвокатите на Абу Катада соопштија дека тој се изјаснил како невин и утре ќе побараат тој да биде ослободен со кауција.

Исламистичкиот проповедник беше испорачан на Јордан по цела деценија правни натегања. Абу Катада ја напушти Велика Британија во воен авион. Екстрадицијата беше можна откако Велика Британија и Јордан постигнаа согласност за договор за испорака. Во договорот се гарантира дека доказите добиени преку измачување нема да бидат користени во судскиот процес.

Јорданското правосудство има намера да обнови две судски постапки против Абу Катада за негова вмешаност во терористички напади. Проповедникот, чие вистинско име е Омар Мохамед Отман, повеќе пати успеа да се спротивстави на негова екстрадиција во Јордан, тврдејќи дека во судскиот процес против него ќе бидат употребени информации изнудени со измачување.

Абу Катада живее во Велика Британија од 1993 година, каде што има побарано азил. Тој беше првпат уапсен во 2002 година. Оттогаш најголемиот дел од времето го има поминато во затвор или домашен притвор. Во Јордан Абу Катада во 1998 година беше осуден во отсуство на доживотен затвор и принудна работа.