Абас му понуди мир на Израел
11 јануари 2005Палестинците се подготвени за мир со Израел , порача Махмуд Абас, лидерот на најголемото палестинско политичко движење Фатах откако стана очигледна неговата голема победа на претседателските избори на палестинските автономни територии.
“Ги пружаме нашите раце кон нашиот сосед . Подготвени сме за мир, мир заснован на правдата . Се надеваме дека нивниот одговор ќе биде позитивен ”-истакна Абас .
Тој потенцираше дека се залага за продолжување на преговорите врз основа на мировната мапа за Блискиот Исток .
Абас кој е познат како Абу Мазен , освои 62,3 насто гласови на неделните избори , кои беа организирани по смртта на долгогодишниот палестински претседател јасер Арафат во ноември минатата година .
"Најнапред сакам да му честитам на господинот Абу Мазен . Се радувам на разговор со него во соодветно време и ќе го поканам тука во Вашингтон , доколку тој одлучи да дојде. Тој беше избран со голема подршка во гласови . Јас сум трогнат од овие избори”-истакна американскиот претседател Џорџ Буш,кој недвојбено задоволен ја дочека победата на Абас. Тој за време на обраќањето до новинарите му порача на Израел дека е дојдено вистинското време да тргне кон остварување на сопствените обврски во рамките на мапата за мир со Палестинците.
" Јас мислам дека ќе биде многу важно за Израел сега да ги исполни своите обврски околу повлекувањето од териториите од кои вети дека ќе се повлече. Од суштинска важност е Израел да ја задржи визијата за две држави кои во мир живеат една покрај друга, и да го подржи развојот на палестинските институции , кој треба што поскоро да започне”-истакна Буш.
Во реакцијата на исходот од палестинските избори ,пак германскиот канцелар Герхард Шредер изјави дека Германија заедно со земјите партнери од ЕУ , ќе го подржи Махмуд Абас на патот кон создавање на независна и демократска палестинска држава.
Новиот палестински претседател дефинитивно доби силна меѓународна подршка а кон него со симпатии гледаат и Израелците , бидејќи Абу Мазен ветува добри шанси за живот во мир на Блискиот Исток. Но најмногу очекувања од својот нов лидер имаат Палестинците. Тие меѓутоа не очекуваат чуда- вели Саеб Ерекат , главниот палестински преговарач:
“ Јас не мислам дека тие очекуваат оти тој ќе стори некое чудо или пак дека има магично стапче. Но она што Палестинците навистина го сакаат е почеток на промени кон доверливост , транспарентност , реформи , градење на институциите , мир и работни места. И тие ќе ја вреднуваат неговата работа во првите 100 дена од мандатот” – порача Ерекат.