Абас бара признавање на независна Палестина
6 мај 2011За Германија од првенствено значење е што побрзото обновување на мировните преговори на Блискиот исток. За евентуалното признавање на независна палестинска држава на заседанието на генералното собрание на ОН наесен, и тоа без успешно завршени израелско-палестински преговори, Меркел воопшто не сакаше ниту да нагаѓа.
„Сакаме решение врз основа на две држави и на тоа решение мора да се работи. Не веруваме дека еднострани потези би биле од полза.“
Во врска со помирувањето меѓу завојуваните фракции на Фатах и Хамас, канцеларката инсистираше на почитување на три критериуми: прифаќање на безбедноста и егзистенцијата на Израел, одрекување од примената на сила и почитување на досегашните договори со Израел.
Саркози за признавање, Меркел претпазлива
Меркел разговараше со претседателот на Палестинците Махмуд Абас синоќа во Берлин, а тој денеска се среќава со францускиот претседател Никола Саркози во Париз. Меркел се обидуваше да ги минимизира разликите кои постојат меѓу неа и Саркози кога станува збор за едностраното признавање на палестинската држава.
„Она што францускиот претседател го изјави е важно и за мене: сакаме преговорите да започнат набрзо за да се оствари брз напредок. Таа желба не‘ обединува, гледаме дека тоа го сака и претседателот Абас и на тоа мораме да се концентрираме“, рече Меркел.
Саркози во средата, во едно интервју, изјави дека доколку ни до септември не дојде до придвижување во мировните преговори, Франција ќе преземе одговорност за признавање на палестинската држава.
Палестина има добри шанси во Њујорк
Абас се обидуваше да ги отстрани сомнежите во Германија поради помирувањето со Хамас и тврдеше дека досегашните договори со Израел не се доведени во опасност. Меѓутоа, тој јасно порача дека Палестинците наесен ќе им се обратат на ОН доколку дотогаш не дојде до успех во мировните преговори.
„Не одиме во ОН за да прогласиме држава, туку сакаме да го слушнеме мислењето на меѓународната заедница. Дали таа прифаќа еден народ вечно да живее без своја држава? Палестина е окупирана веќе 67 години. Ние сме единствениот народ во светот кој живее под окупација“, рече Абас.
Досега Палестина доби дипломатско признание од 110 држави, меѓу нив и од некои земји членки на ЕУ, Полска, Романија и Унгарија. Според мислењето на познавачите, постојат добри шанси на заседанието на ОН наесен мнозинството земји да се изјаснат за признавање на палестинската држава.
Автор:Бернд Греслер / Борис Георгиевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска