1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Планот за спас е плацебо-ефект

7 октомври 2008

Што ќе донесе европскиот план за спас на банките; Франција ја обвинува Германија дека не презема одговорност; недостатокот на интеграција во Европа може скапо да ја чини. Ова се коментарите во денешните европски весници.

https://p.dw.com/p/FVfW
Не пак...Фотографија: picture-alliance/ dpa

Кориера дела сера од Милано за финансиската криза пишува:

„Во споредба со изминатите 20 години, последиците од денешната финансиска криза имаат многу подалекусежни последици, што доспеваат и до Европа и Азија“ – констатира Кориера дела сера. “Во вакви ситуации светот секогаш се потсетува на големата криза од 1929, кога брокери скокаа од прозорците на висококатниците, поради големите загуби на берзите. Иако овојпат загриженоста е голема, економистите сметаат дека уште една голема криза како онаа во 29-та - не доаѓа во прашање. Економската структура денес е поразлична. Но, и покрај тоа останува неизвесно и непредвидливо како работите ќе се одвиваат понатаму, иако Вашингтон го одобри планот од 700 милијарди долари за спас на банките“ – коментира Кориера дела сера.

Лево-либералниот шпански весник Ел паис, пак, за меѓународната финансиска криза и европските реакции на неа пишува:

Logo El Pais Digital
„Се спречува паника, но последиците се хаотични“ - Ел паис

„Банкарската криза во Европа ги стресе граѓаните, кои имаат штедни влогови во банките. Од овие причини, повеќе европски држави изготвија планови и преземаа драстични мерки. Сакаат ’во корен’ да го решат проблемот, што се заканува да предизвика неконтролирана паника. Велика Британија, Ирска, Белгија, Германија и Португалија се меѓу земјите што веќе понудија ’финансиска инјекција’ за погодените банки.

Со ова барем се спречува паника. Но, последиците се хаотични“ – потенцира Ел паис. “ Се јавува опасност големите капитали да се прелеат во земји што нудат подобра гаранција на средствата, отколку други. Ова е перверзен развој на настаните, бидејќи со тоа само се зголемува опасноста од економска депресија во Европа“ – смета Ел паис.

Либералниот виенски весник Дер штандард смета дека некои активности, наводно насочени против финансиската криза, само уште повеќе го продлабочуваат проблемот, место да го решат. Цитираме:

„Совршен план изгледа поинаку“ – смета весникот. „ЕУ трепери меѓу беспомошност и паника, и со тоа само уште повеќе ја заострува кризата. Поголем износ штедни влогови, ставени под гаранција, само додаваат масло на огнот“ – пишува Дер штандард во својот коментар и продолжува: „Секој што малку се разбира од финансии ќе ви каже дека поединечните монетарни сектори, одговорни за влоговите, не можат да предизвикаат колапс на банки од толкав обем. Ниту државата не може да предизвика ваков колапс. Покачувањето на гаранциите е само обид за плацебо-ефект, за се` да излега малку полесно“ – пишува Дер штандард.

Независниот француски дневен весник Ле монд го критикува германскиот став за европскиот план за финансиска интервенција:

Logo Le Monde
Францускиот Ле монд со критика против Германија

„Берлин ја отфрли идејата за спас на европските банки уште пред таа да биде вистински созреана. Ваквиот став е неразбирлив, бидејќи и самите германски банки се разнишани“ – смета Ле монд. “Колапсот на Хипо Риал Естејт покажува колку, всушност, се болни банките во најмоќната држава од евро-зоната. Оваа непредвидена слабост е закана за цел стар континент. Претседателот на германската сојузната банка, Алекс Вебер, е опседнат од опасноста од инфлација, па следи незамисливо тешка монетарна линија. Во Берлин денес се аргументира како во деведесеттите: Германија не сака да плаќа за Европејците и го нагласува принципот на субсидијарност. Како да не се сите погодени од најтешката криза по онаа од пред 80 години“ – саркастичен е Ле монд.

За парискиот Либерасион, финансиската криза покажува колку е потребно единството во Европа.

„Ретко се случува цената за недостатокот на интеграција во Европа да биде толку очигледна и тешка“ – коментира Либерасион. „Досега мислевме дека повикот за интеграција беше само сладок, федералистички сон, кој утопистите го бранеа, а народот со недоврба го гледаше. Потфрлањата на себичните нации, што го фрлија европското стопанство во рецесија, сега покажуваат дека политичкото единство на Европа е, всушност, потреба“ – констатира Либерасион.