1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Математика за фудбалери

ЕМФ/дпа27 март 2012

Во Берлин се одржува најголемата средба на физичари во Европа и таа не е наменета само за малите „Ајнштајни“. Професорот Метин Толан реферира за најдобрите трикови при шутирање пенали.

https://p.dw.com/p/14S5y
Метин ТоланФотографија: DW/Joscha Weber

Метин Толан, професор по физика на Техничкиот универзитет Дортмунд, веројатно отсекогаш бил поинаков од другите. Како човек од северна Германија тој не навива за Хановер, туку е фан на Штутгарт. Како фан на Џемс Бонд пак, правел експерименти дали неговиот јунак би можел со помош на магнетски часовник да ги отвора патентите на фустаните на жените. А филмот „Титаник“ го инспирирал да ја напише книгата „Со физика во пропаст“. Тогаш и не е за чудење што Толан на најголемата средба на физичари во Европа, што во Берлин се одржува од 25 до 30 март, не зборува за однесувањето на површините на меките материи, туку за тактиката при шутирање пенали.

Толан, во средината на своите 40-ти, е син на Германка и Турчин, студирал физика и математика, има смисол за виц и хумор. Но кога станува збор за темата фудбал е сериозен и има свои принципи. Во текот на изминатата година не бил на ниту еден натпревар на шампионот Борусија Дортмунд, иако живее на само сто метри од стадионот. „Тоа не е мојот тим“, вели Толан. И кога голманот Мануел Нојер по натпреварот за Купот против Гладбах вели дека шутирањето пенали е прашање на среќа, Толан одговара: „Се разбира дека тоа не е прашање на среќа.“ Точно е дека постои нервоза, но постои и фудбалска математика, што е негова специјалност.

Metin Tolan und James Bond
Голем фан на Бонд - дали може со магнетски часовник да се отворат патентите на фустаните?Фотографија: DW

Науката на Толан околу шутирањето пенали вели дека постои потценетиот проблем на варијабилност. По кој редослед тренерот треба најдобро да ги распореди играчите што ќе шутираат? Најдобриот прв, за да даде гол со кој ќе ги зајакне нервите на своите соиграчи и ќе го зголеми притисокот врз противникот? „Погрешно“, вели научникот. Тој ги истражувал различните модели и пресметал дека веројатноста за победа со помош на овој метод се зголемува за само 5 проценти. Ако тренерот се одлучи за оваа тактика „шампањското треба да се остави во фрижидер“, вели Толан.

Според него, решавачки е играчот кој шутира последен. Тој мора да биде најдобар, зашто врз неговите плеќи е притисокот од целиот натпревар. Математичкиот модел ја сака оваа варијанта, која носи победи. Но, има и мал недостаток - математиката се служи со средни вредности. Таа не може да предвиди дека италијански фудбалски богови, како Роберто Баџо на светското првенство во Лос Анџелес, во натпреварот против Бразил, во решавачки моменти шутираат в небо. Но, затоа математиката дава можност да се пресмета дека веројатноста за гол при шутирање пенали изнесува 75%. Еден гол има површина од 18 квадратни метри. Голманот е висок околу два метри и може да ги рашири рацете околу 2,5 метри. Тоа дава површина од пет квадратни метри. Пет поделено со 18 дава резултат од 0,27. Значи голманот може да покрие околу 25 проценти од голот, а 75 проценти остануваат слободни.

Metin Tolans Vorlesung "Physik des Fußballs"
Науката на Толан околу шутирањето пенали вели дека постои потценетиот проблем на варијабилностФотографија: DW

Дека при шутирање пенали е најдобро да се гаѓа во агол е тривијална фудбалска мудрост. Математички тоа значи дека една топка со брзина од околу сто километри на час завршува во голот за околу 0,4 секунди. На голманот му се потребни 0,2 секунди за реакција. Во останатото време од 0,2 секунди тој нема време да се насочи кон топката. „Мускулите не се толку брзи, значи тој може само да претпоставува“, нагласува Толан.

Една од неговите лични теории звучи исто толку логично колку мудростите на Мистер Спок, но практичарите веројатно би биле зачудени. „Ако оние што шутираат пенали носат двојно потешки копачки, топката би можела да биде побрза за два до три проценти“, вели Толан. Брзината на шутот се зголемува со зголемувањето на тежината на стапалото. Тоа не е против фудбалските правила, но дали еден играч кој на терен минал 120 минути ќе ги промени копачките и ќе сака да шутира со копачки на кои не навикнал?

Metin Tolan Professor TU Dortmund an seinem Schreibtisch
Толан не се гледа себеси во мисија на популаризација на физикатаФотографија: DW

Студентите на Толан ги сакаат неговите „излети“ надвор од светот на електронските појаси. Тој лично сепак, не се гледа себеси во мисија на популаризација на физиката. „Тоа е лична добивка, лично задоволство, тука сум егоист“, вели Толан. Но тоа не е сосема точно, зашто приходот од неговите книги оди за универзитетски стипендии.